ОДРЖАН НАСТАН ЗА ОБЈАВУВАЊЕ НА ПРОЕКТОТ „ГРАЃАНСКО УЧЕСТВО ЗА ЛОКАЛНА ДЕМОКРАТИЈА”

  • June 10, 2016 11:00am - 12:00pm

На 10 јуни 2016 година во 11 часот во просториите на ЕУ Инфо центарот во Скопје се одржa настан за објавување на целите и активностите на Проектот „Граѓанско учество за локална демократија”. Станува збор за проект во рамките на ИПА Програмата за граѓанско општество и медиуми 2014 финансиран од Европската унија.

Целта на проектот е да се овозможи активно учество на граѓанските организации во процесот на креирање политики на локално ниво во областа на културата и учество во нивната имплементација. Во рамките на проектот ќе се изготват стратегии за култура и акциски планови.

Граѓанските организации ќе учествуваат на повикот за добивање грантoви наменети за јакнење на нивнитe капацитети и за имплементација на акциските планови од областа на културата, што секако ќе придонесе и кон зајакнување на квалитетот на општинските услуги, истакна Јулијана Караи, проектен координатор.

Мартин Клауке, раководител на сектор за соработка од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија,истакна дека ќе продолжат со доделување грантови во насока на остварување одржлив развој за граѓанските организации на локално и национално ниво. Во продолжение, нагласи дека граѓанското општество има голема улога во поврзувањето на јавноста и политичкиот процес и изградбата на конструктивен дијалог помеѓу граѓаните и националните и локалните власти. Клауке потенцираше дека ЕУ се грижи за културните политики и ги признава како еден вид човеково право, а вложувањето во граѓанските организации ќе го олесни процесот на пристапување на земјата кон Европската унија.

Проектот Граѓанско учество за локална демократија започна да се спроведува во јануари 2016 година и ќе се спроведува до јуни 2017 година. Проектот се имплементира од страна на  Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) и Центарот за развој на локалната демократија (ЦРЛД) во следните општини: Струга, Струмица и Центар.

User Login